Наставниците и планерите на училишниот систем се стремат да го вклучат новото знаење во наставата колку што е можно побрзо, што не е возможно доколку се потпираме исклучиво на постоeчките наставни методи. Овој проблем може најлесно да се реши доколку се стави помал фокус на воспитувањето, а поголем на образованието. Сите ние сме свесни дека зголемувањето на знаењето преку образование не е вистинскиот начин, туку најлесниот. Ние не сме свесни за фактот дека образованието во голема мера влијае на мотивацијата на една личност. Како можеме да бидеме успешни во животот користејќи ги нашите сопствени способности ако снемаме мотивација?
Се чини дека нема повеќе време за образование! Ова особено важи за семејниот живот, каде што со тек на време се развиваат главните ставови, мотивацијата, навиките и карактерот на детето. Семејниот живот најчесто се сведува на училишната наставна програма и возење на децата до различните видови на хобија. Се запрашуваме што е потребно да му овозможиме на нашето дете за да не се чувствува "изоставено". Ние го забораваме времето кое родителите и децата треба да го поминат заедно, што е од суштинско значење за ефикасна комуникација во семејството. Многу често децата ги поминуваат викендите во трговските центри, со своите таблети и видео-игри, при што реалноста се меша со фантазијата, а емоционалното задоволување е моментално и површно. Дали ова ќе им помогне да пораснат? Дали ќе научат нешто вредно од тоа?
Растечкиот животен стандард не води секогаш кон подобри и полесни опции кога станува збор за образованието. Во минатото, одредени особини на децата се развиле правилно поради околностите во кои децата се наоѓале. Често родителите не можеле да обезбедат материјални работи, едноставно затоа што немале доволно пари. Ако сте родител, можеби се сеќавате колку многу сте посакувале нешто кога сте биле млади, но не сте можеле да го добиете, можеби затоа што било премногу скапо или не сте знаеле како да ги изразите своите желби.
Да ја разгледаме моменталната ситуација. Колку пати вашето дете ве замолило да му купите бонбони или играчка во продавница? Колку пати сте одбиле такво барање? На крајот на краиштата, зошто би одбиле? Ќе му купите нешто ситно на вашето дете, ќе видите голема насмевка и ќе се почувствувате среќни. Однесувајќи се на овој начин на крај ќе ги научи вашите деца дека можат да добијат што сакаат, едноставно користејќи го нивниот сладок глас. Но, работите не функционираат така во реалниот живот. Разочарувањето подоцна ќе биде многу поголемо, бидејќи вашето дете нема да може да разбере зашто тој/таа не го добива тоа што го сака од пријателите или колегите.
Често пати првата реакција на детето е да протестира и да има неконструктивни барања, исто така и други несакани реакции. Подоцна, кога децата нема да го добијат она што го сакаат на лесен начин, тие се обидуваат со агресија да го добијат она што мислат дека им припаѓа, кое всушност не им припаѓа. Но, за жал, детето не го научило тоа низ образованието. Во минатото, образованието било често пати полесно да се спроведе поради суровата реалност; тогаш биле помали шансите за избирање на полесниот пат, кој денешните млади го избираат кога се фрустрирани. Полесниот живот не го поучува детето како да се справи со фрустрацијата, како да биде трпеливо, упорно и како да најде внатрешна мотивација. Многу млади едноставно снемуваат желба или упорност да се обидат да ги остварат своите соништа; и тоа значи самостојно, а не со помош на нивните родители. Често тие дури и не посакуваат нешто толку многу за да излезат и да се обидат да го постигнат тоа. Тоа главно се должи на фактот што нивните желби биле исполнувани кога биле мали, дури и пред да имаат желба за нешто. Во минатото, децата чекале со денови, недели, дури и месеци или години за конечно да го добијат она што го сакаат. Тие размислувале и фантазирале за тоа колку добро би се чувствувале кога би го имале тоа, што тоа би му значело нему/нејзе и што би сторило детето за да го добие тоа што го сака.
Само помислете на некоја позната приказна во која главниот протагонист мора да го надмине најголемиот страв за да го добие тоа што тој/таа го сака. Денес, повеќето деца живеат во поинаков свет. Полесно е да се дојде до посакуваните работи, децата не чувствуваат копнеж, таа силна внатрешна моќ што ќе ги насочи кон исполнување на своите цели. Затоа се чувствуваме помалку задоволни кога ќе го добиеме тоа што го сакаме. Кое девојче во денешно време сака распарталена кукла? Кое дете денес може да се израдува на подарок како децата што се радувале во минатото, кога подароците биле поскромни и потешко се добивале? Како да се научат децата да чувствуваат копнеж, кој ќе им помогне да развијат мотивација која е потребна за успех во училиштето и во животот? Затоа што тие не развиле копнеж, тие не знаат како да развијат силна желба и внатрешна мотивација; најчесто тие дури и не ги развиваат неопходното трпение и работни навики. Тие сакаат да имаат сè одеднаш. Ако тоа не е можно, тие пребрзо се предаваат, мислејќи дека не знаат како да го направат тоа или чувствувајќи дека едноставно не можат да го направат. Тие го бараат полесниот начин.
Дали е ова начинот да ги направиме нашите деца и адолесценти среќни и успешни? Не мора да ги имате сите одговори за да го знаете одговорот на ова прашање. Овие особини се само некои од оние што би сакале да ги видиме кај нашите деца. Јас не тврдам дека некои не го чувствуваат тоа дури и денес и дека каде и да одите ќе најдете погрешен вид на образование; сепак, сметам дека да се одгледа еден зрел тинејџер денес е многу потешко отколку што било во минатото. Но, сепак, треба да почнеме од некаде.
Кога се чувствуваме беспомошни, обично не правиме ништо во врска со тоа. Децата кои не се чувствуваат доволно успешни стануваат пасивни. Однадвор може да изгледа како да се мрзливи и немотивирани, но всушност тие најчесто се исплашени и немаат самодоверба, и затоа тие претпочитаат да не прават ништо наместо да ризикуваат да погрешат. Ако сакаме да видиме промена во нив, мораме да ги научиме како да станат проактивни и сигурни во себе. Родителите треба да ги охрабрат своите деца да бидат успешни во разни области. Тие, исто така, треба да ги поттикнуваат психолошките особини кои ќе му помогнат на детето да се справува со животот. Треба да им се помогне да развијат:
Семејството е идеално опкружување во кое детето може да ги научи тие особини.
Спортот може да помогне во голема мера, бидејќи детето ќе развие систем на вредности кој нема да се заснова само на конкуренција и ефикасност, туку и на основни вредности и етички принципи. Спортот ќе ги развие работните навики, трпеливоста, одговорноста, иницијативата кај детето и ќе овозможи зрелост во социјалното, емоционалното, интелектуалното и моралното функционирање. Семејството е првото безбедно опкружување во кое детето може да ги тестира овие квалитети и да ги подобри, со што ќе постигне лична зрелост.
Детето се обидува да стане независно уште во рана возраст. Независноста потекнува од развојниот период, со појавата на тврдоглавоста, која помага при развивање на мотивацијата. На децата треба да им се покаже како да почнат да чувствуваат дека можат сами да извршуваат одредени работи. Ова ќе му даде на детето чувство на вредност и компетентност. За жал, родителите честопати не поминуваат доволно време зајакнувајќи го ова чувство кај детето. Треба да ги третираме нашите млади поинаку
Од најчувствителниот период, тие треба да бидат вклучени во она што го прават возрасните. Кога ќе се вратите дома за да зготвите оброк, вклучете го детето во тоа, на пример, дозволете му да ја подготви масата. Дозволете вашето дете секогаш да ги поставува чиниите на масата или да ги мести салфетите. Погрижете се ова да биде постојана задача на вашето дете. На овој начин, при ручекот, секој член на семејството ќе има неопходна задача за исполнување. Исто така, пофалете го вашето дете за добро завршената работа. Нашата сила се наоѓа во семејството што работи заедно!
Организирајте претстави, на пример пеење или рецитирање поеми, или натпревар по трчање. Дознајте во што е добро вашето дете и поттикнете го да ги покаже тие вештини и пред други. Ставете го вашето дете на повисоко, на пр. на стол, и оставете го да пее песна или да рецитира поема. Најпрво тоа треба да се направи во кругот на семејството, а подоцна охрабрете го вашето дете да настапи и пред пријателите. Дозволете вашето дете да биде видено. Дозволете вашето дете да биде пофалено. Тоа ќе му даде на вашето дете чувство дека е добро во нешто; тоа треба да се повторува повеќепати. Вашето дете треба да научи каде се наоѓа неговата/нејзината СИЛА. Пофалбата ќе го поттикне вашето дете да вежба уште повеќе. Со успехот почнува да се развива МОТИВАЦИЈАТА на детето.
Често разговарајте со своите деца. Вашето грло треба да им даде глас на важните работи во животот. Гласот ги формира зборовите и зборовите со тек на време се здобиваат со значење, кое потоа станува фокусна точка на перцепцијата на детето. Тоа води кон вредности кои ни покажуваат што е лошо и што е исправно, што треба да правиме и што не треба да правиме. Бидете пример што инспирира! Она што ги претставува нашите вредности навистина оживува тогаш кога тоа ќе почнеме да го практикуваме во животот.
Потребно е време да се развие мотивација за учење и работа. Прво мора да постои желба и копнеж, па затоа ние мораме да имаме желби заедно со нашите деца и да поттикнеме копнеж. Како? Со едноставни прашања: "Што би сакал/а денес? Што би сакал/а да учиш на училиште оваа година? Зошто одиш на натпреварот вечерва? Што ќе се обидеш да постигнеш на натпреварот?" Едноставните прашања,како зошто и што ќе му помогнат на вашето дете да пронајде внатрешни желби. Ова, за возврат ќе создаде копнеж, кој заедно со самодовербата ќе доведе до мотивација. Се разбира, никогаш не треба да заборавите да го пофалите вашето дете. Можете да му кажете, на пример: "Одлично го изведе тоа!" или "Јас не би можел/а да го направам тоа подобро." Ова ќе му даде на вашето дете чувство на задоволство, што е најголемата внатрешна награда и мотивација.
Независноста потекнува од развојниот период, со појавата на тврдоглавоста, која помага при развивање на мотивацијата.
"Ние сакаме да го правиме она во кое што сме добри", вели теоријата на мотивацијата. Ова е причината зашто светските шампиони најмногу тренираат, додека на оние кои се помалку успешни им е потешко да се мотивираат. Во реалниот живот, треба да ги научите вашите деца да ги прават работите во кои што не се многу добри или кои не им се допаѓаат, како што се чистењето на нивните соби, учењето математика, итн. Постојат неколку начини да се зголеми мотивацијата дури и во такви случаи.
Нјапрво треба да му се објасни на детето зашто е од суштинско значење да се знае математика (добивање добри оценки, полагање испити со цел да се запише на факултет).
Ако детето не ја разбира задачата, нема да биде мотивирано да ја изврши, па затоа треба да му помогнете на детето да ја разбере важноста на задачата. Ова се однесува и на решавање на математичките проблеми. Детето мора да почувствува радост веднаш штом ќе го открие решението, што ќе обезбеди мотивација и во иднина. Детето понекогаш губи мотивација бидејќи родителите не се задоволни со извршувањето на задачата. Секогаш треба да го пофалите секој обид на вашето дете, дури и ако не е многу успешен. Во реалноста тоа значи пофалување на вашите деца кога ќе исчистат барем еден дел од собата, кога сами ќе научат математика или кога ќе се обидат да научат нешто што не им се допаѓа. Мотивацијата и само-мотивацијата не се здобиваат преку ноќ, па затоа пофалбите од родителите им значат многу на децата. Понекогаш мотивацијата кај детето се појавува кога ќе му помогнете да изврши задача која не му се допаѓа.
Направете ја задачата забавна и логична. За да го постигнеме тоа, понекогаш треба да ги промениме целите. Чистењето на собата може да се претвори во вид на натпревар, во кој ќе ја споредите работата од оваа недела со онаа од минатата недела. За секоја поуспешно изведена работа на детето наградете го со нешто повеќе или дајте му привилегија во тековната седмица. Пофалете го вашето дете по секоја успешно завршена работа.
Ако сакате да се развие мотивација кај детето за извршување на непосакувани задачи, треба да бидете трпеливи, бидејќи вашето дете нема да ги засака тие задачи преку ноќ. На вашето дете ќе треба да му обезбедите многу охрабрување, трпеливост и надворешен стимул, затоа не се откажувајте прерано. Со време, детето ќе научи дека непосакуваните задачи исто така се дел од животот.
Мотивирањето на децата за успех во животот започнува во најчувствителната возраст, кога детето се вклучува во задачите кои инаку се за возрасните. Колку повеќе вашето дете е вклучено, толку повеќе се чувствува компетентно и мотивирано. Колку е поактивно вашето дете, толку повеќе можете да го пофалувате. Тоа ќе ја развие одговорноста, активноста и само-мотивацијата кај детето. Кога детето доживува успех, тоа поттикнува мотивација за понатамошно подобрување. На овој начин, успешните децата стануваат се повеќе и повеќе мотивирани. Преку разговор со детето, со тек на време можеме да откриеме кои квалитети се потребни за успех и кој тип на мотивација ќе му даде на детето сила да ги одбере вистинските цели и активности кои ќе му донесат среќа. Грлото му помага на детето да ги искаже своите желби, а правилните активности ги исполнуваат тие желби. Така успехот добива вистинска форма, и на крај целиот труд се исплатува.
Времето поминато со вашите деца треба да се гледа како инвестиција, а не губење на време. Развојот на мотивацијата кај децата ќе го направи семејството силно и поврзано.