Инфекциите на горните дишни патишта се едни од најчестите акутни инфективни заболувања.
Во просек, кај возрасните се јавуваат од 2 до 5 пати, а кај децата на школска возраст од 7 до 10 пати годишно.
Инфекциите на горните дишни патишта може да доведат до воспаление на грлото (фарингитис), гркланот (ларингитис) и епиглотисот (епиглотитис).
Болно грло претставува честа состојба кај децата, адолесцентите и возрасните. Се опишува како чувство на болка локализирана во грлото и неговата околина и може да биде симптом на заболување кое не е директно поврзано со грлото (на пример, при настинка или грип).
Интересно:
Акутната болка во грлото е една од најчестите причини поради кои пациентите бараат совет од својот матичен лекар или фармацевт, но сепак повеќето не бараат медицинска помош.
Грлото, познато и како фаринкс, е составен дел на горните дишни патишта. Се протега од вратот, поминува позади носот и устата и се вкрстува во душникот и ждрелото. Важна улога има епиглотисот, кој го спречува вдишувањето на храна и течности во дишните патишта. Фаринксот е дел од респираторниот (дишниот) и од дигестивниот систем (голтање), па затоа низ него поминуваат храна, течности и воздух. Според тоа, грлото има улога во голтањето (при јадење и пиење), зборувањето и дишењето.
Гребење, печење и болка во грлото се јавуваат почесто при воспаление на фаринксот, а засипнатост и губење на гласот вообичаено се поврзани со воспаление на ларинксот.